ЕХО Едукативно – хуманитарна организација од Штип е основанa на 7 април 2003 год. по иницијатива на група граѓани со значително искуство на работа во граѓанскиот сектор и со огромен ентузијазам за внесување на иновативни идеи во работата на граѓанските асоцијации. Оттогаш, ЕХО има имплементирано повеќе од 80 проекти за унапредување на родовата рамноправност и за подобрување на социо-економската состојба на граѓаните, како во источниот, југоисточниот дел и пелагонискиот регион на С. Македонија, така и во сите останати региони на земјата. Проектите и политиките на кои работи ЕХО имаат големо влијание, не само во рамки на државата, туку и пошироко во регионот преку пренесување и реплицирање на позитивните практики во останатите земји.
ЕХО е препознатлива организација, лидер во областа на заштита на жени – жртви на родово базирано насилство (РБН). Организацијата исто така е фокусирана на зголемување на граѓанското учество во креирањето на политики и донесувањето на одлуки и активно е вклучена во процесите за унапредување на законската регулатива и националните и локални практики во областите во кои работи. Досегашните постигнувања ја потврдуваат посветеноста и експертизата на членовите на ЕХО во залагање, застапување и лобирање за интересите на граѓаните, во насока на нудење и обезбедување на специјализирани услуги за жени изложени на насилство, како и останати советодавни и консултативни услуги, спроведување на истражувања за потребите и проблемите на маргинализираните и ранливи социјални групи и едукативни сесии за различни правни, социјални, економски и здравствени теми поврзани со добросостојбата на жените.
Организацијата има исклучително искуство во спроведување на мониторинг врз работатата на националните и локалните власти и доброто управување во насока на сузбивање на корупцијата, унапредување на транспарентноста, отчетноста и одговорноста и во поттикнување и практикување на родово одговорното буџетирање (РОБ).
ЕХО има воспоставено голем број на партнерства и соработка со граѓани, домашни и меѓународни асоцијации, како и со владини институции, бизнис секторот и со локалните и национални електронски и печатени медиуми.
Визија:
Ехо е активен чинител во општеството кое е природна средина на свесни и вклучени жени и девојки, во кое се применуваат ефективни стандарди и политики за заштита од родово базирано насилство и за транспарентно и отчетно владеење.
Мисија:
Едукативно хуманитарна организација ЕХО застапува примена на интегриран пристап во унапредување на родовата рамноправност и човековите права и поттикнува активно учество на граѓаните во креирањето на политики.
Делувањето на ЕХО е фокусирано на три програми:
- Програма за родова рамноправност и човекови права
- Програма за добро управување и социо-економски развој
- Програма за одржливост – Промовирање и практикување на здрави стилови на живот
Центар за интегративен пристап до неопходниот пакет услуги за жени изложени на насилство